– Салман Ружди, кој е еден од најпознатите светски автори од објавувањето на неговиот роман „Деца на полноќ“ од 1981 година, е овогодинешниот добитник на Наградата за мир на германската организација на издавачи и книжари, пренесе ДПА.
Седумдесет и шестгодишниот писател, кој минатата година беше тешко повреден во обид за атентат, наградата ќе ја прими оваа есен во црквата Свети Павле во Франкфурт, соопшти денеска Германското здружение на издавачи и книжари.
Британскиот автор со индиско потекло е награден за „неговиот нескротлив дух, за афирмацијата на животот и за збогатување на нашиот свет со љубовта кон раскажувањето, се вели во извештајот на жирито.
Неговото дело, се вели во извештајот, „ја прикажува силата што ја користат угнетувачките режими за уништување на цели општества, а исто така го слави неуништливиот дух на отпорот што го покажуваат поединечни човечки суштества“.
Авторот живее под закана по својот живот откако иранскиот ајатолах Хомеини издаде фатва против него во 1989 година по објавувањето на „Сатански стихови“, за кои свештеникот рече дека го навредува исламот.