Американскиот претседател Доналд Трамп очекува неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин по враќањето во Белата куќа да биде во Саудиска Арабија.
Политико објави дека Трамп го кажал ова по 90-минутниот разговор со Путин за ставање крај на руската инвазија на Украина.
– ,,Очекуваме и да се сретнеме. Всушност, очекуваме тој да дојде овде (во Вашингтон), а јас ќе одам таму (во Москва), а исто така веројатно ќе се сретнеме прво во Саудиска Арабија, за да видиме дали можеме да направиме нешто“, им рече Трамп синоќа на новинарите во Овалната соба.
Тој изјави дека датумот на средбата со Путин „сè уште не е одреден“, но додаде дека тоа ќе се случи во „не така далечна иднина“.
Трамп рече дека на состанокот ќе присуствува и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
„Го познаваме принцот престолонаследник и мислам дека тоа би било многу добро место за средба“, рече Трамп.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател ги поканил Трамп и претставниците на неговата администрација да ја посетат Москва за да разговараат за Украина.
– Рускиот претседател го покани американскиот претседател да ја посети Москва и изрази подготвеност да ги прими американските претставници во Русија во рамките на областите од заемен интерес, вклучувајќи ја, секако, темата за решение за Украина – соопшти Кремљ.
Поканата до Трамп да ја посети Русија уследи по најавата на американскиот претседател дека мировните преговори ќе започнат „веднаш“ и дека Украина најверојатно нема да може да ги врати териториите заземени од руските сили.
На бриселската веб-страница се наведува дека изјавата на Трамп предизвикала жестоки реакции на двете страни на Атлантикот.
Во објава на својата социјална мрежа Trut Soushal, Трамп рече дека разговарал не само за Украина со Путин, туку и за „Блискиот исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми“.
Во однос на Блискиот Исток, Трамп најверојатно ќе се обиде да го искористи самитот со Путин во Саудиска Арабија за да му го објасни на принцот Бин Салман неговиот план САД да ја преземат сопственоста на разурнатиот од војна Појасот Газа и Палестинците да бидат раселени во други земји.
Веднаш откако Трамп првпат го објави планот пред речиси две недели, саудиското Министерство за надворешни работи реагираше велејќи дека Ријад останува посветен на својата долгогодишна позиција дека нема да се заложи за нормализирање на односите со Израел без гаранции за формирање на палестинска држава.
Покрај тоа, Трамп ќе мора да го реши прашањето за цената на нафтата со моќниот принц, бидејќи на крајот на минатиот месец најави дека ќе побара од Саудиска Арабија и ОПЕК да ја намалат цената на овој извор на енергија, како и дека ќе побара од Ријад да ги зголеми планираните инвестиции во САД на трилион (1.000 милијарди) долари од
претходно најавените 600 милијарди долари.
Трамп тогаш оцени дека доколку цената на нафтата падне, што секако не и’ одговара на Москва, војната меѓу Русија и Украина „веднаш ќе заврши“.
По разговорот, американскиот претседател објави на својата мрежа дека „ги замолил државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Реклоф, советникот за национална безбедност Мајкл Волц и амбасадорот и специјален пратеник Стив Виткоф да ги водат преговорите“, додавајќи дека „има силно чувство дека тие ќе бидат успешни“.
„Милиони луѓе загинаа во војна која немаше да се случи ако бев претседател, но таа заврши и мора да заврши“, напиша Трамп.
Покрај Путин, Трамп телефонски разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој подоцна објави дека разговорот со шефот на кабинетот на Белата куќа бил суштински.
– Разговаравме за можностите за воспоставување мир. Претседателот Трамп ми ги пренесе деталите од неговиот разговор со Путин, рече Зеленски.
Тој прецизира дека разговарале за подготовка на документ кој вклучува безбедност, економска соработка и партнерство во областа на природните ресурси.
„Се договоривме да продолжиме со комуникацијата и да планираме состаноци“, рече Зеленски, од чиј кабинет соопштија дека разговорот со Трамп траел околу еден час.