Од околу 45.000 регистрирани гласачи во сите четири општини на северот на Косово, правото на глас го искористиле 1.557 гласачи или 3,47 отсто.
Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, кандидатите на Движењето „Самоопределување“ победија во општините Северна Митровица и Лепосавиќ, додека кандидатите на Демократската партија на Косово победија во Звечан и Зубин Поток, пренесува Анадолу.
Избирачките места беа отворени од 7 до 19 часот. Граѓаните избираа градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, како и советници за општинските собранија за Звечан и Лепосавиќ.
ЦИК соопшти дека Ерден Атик од Самоопределување освоил најмногу гласови во Северна Митровица. Тој добил 519 гласови или 66,5 отсто од излезените гласачи.
Кандидатот на Самоопределување, Лулзим Хетеми, победи во Лепосавиќ со освоени 100 гласа или 73,5 отсто.
Измир Зеќири од Демократската партија на Косово победи во Зубин Поток со 196 гласови или 52,1 отсто од излезените гласачи, додека Илир Пеци од истата партија победи во Звечан со 114 гласа или 60 отсто од излезените гласачи.
ЦИК соопшти дека условните гласови не се вклучени во овие резултати.
Од околу 45.000 регистрирани гласачи во сите четири општини на северот на Косово, правото на глас го искористиле 1.557 гласачи или 3,47 отсто.
Во Лепосавиќ гласале 141 гласач или 1,06 отсто, во Зубин Поток 385 гласачи или 5,78 отсто, во Звечан 204 гласачи или 2,92 отсто и во Северна Митровица гласале 837 гласачи или 4,62 отсто од гласачите.
Припадниците на српската заедница го бојкотираа гласањето на повик на Српската листа, која не се пријави за учество на овие избори.
Единствен кандидат од српската заедница беше Слаѓана Пантовиќ, како независен кандидат за градоначалник на Звечан. Таа доби пет гласа.
Полицијата на Косово соопшти дека успешно го спровела оперативниот план за непречено одвивање на изборите во четирите северни општини на Косово и дека процесот минал мирно и без никакви инциденти.
Од Канцеларијата на Државното обвинителство на Косово соопштено е дека во текот на целиот ден е набљудувано гласањето во четирите општини на северот на Косово и дека не е утврден ниеден случај на кривични дела против избирачкото право.
Вонредните избори беа распишани по излегувањето на сите претставници на Српската листа, на почетокот од ноември минатата година, од косовските институции на северот на Косово. Тогаш Србите ја напуштија и косовската полиција и судството.