– Само дваесетина кумановци се пријавиле за селектирање на отпад, соопштија денеска надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“. Јавното претпријатие го почна пилот-проектот за селектирање отпад во две кумановски населби „Гоце Делчев“ и „Зелен рид“ во соработка со невладина организација.
– Направивме пилот-проект, започнавме со реализација го спроведуваме во две населби „Гоце Делчев“ и „Зелен рид“. Оставивме можност на граѓаните да се јават сите што сакаат да селектираат, да подигнат ќеси за кои при нивното полнење ЈП ги собира и остава нови како мотивација понудивме и скромен паричен надоместок за првите петмина кои најмногу ќе селектираат. За жал досега оваа акција се спроведува речиси два месеца и има само 22 пријавени граѓани, изјави директорот на ЈП, Даниел Стојчевски.
Сепак, од претпријатието не се обесхрабруваат и велат дека има заинтересирани кумановци од други населби кои сакаат да се вклучат во проектот. Стојчевски смета дека недостига маркетинг за мерката и дека наскоро проектот би можел да се прошири во други делови од Куманово.
– Во наредниот период ќе треба да размислиме како оваа акција да ја прошириме и на поголем дел од градот и да видиме како ќе функционира. Можеби ЈП во тој период ќе трпи и загуби во своето работење, но најважно е да започнеме со селекција на отпад, јас сум оптимист дека при спроведување на ваква акција од ден на ден ќе имаме се повеќе заинтересирани граѓани, изјави Стојчевски.
Јавното претпријатие во соработка со организации постави и опрема за селектирање која на одредени локации беше уништена од несовесни граѓани.