Новата анкета на Ројтерс и Ипсос покажа дека само 37 отсто од граѓаните на САД ја поддржуваат или веруваат во економската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Таа бројка е намалена од 42 отсто, кои во оваа анкета позитивно гледаат на неговата економска политика на 20 јануари кога беше инаугуриран.
Во анкетата спроведена веднаш по инаугурацијата на Доналд Трамп, околу 55 отсто од испитаниците рекле дека инфлацијата или економијата треба да бидат главниот фокус на Трамп во текот на неговите први 100 дена на власт, што ќе трае до 30 април. Дваесет и три отсто од испитаниците ја избрале имиграцијата.
Три месеци подоцна, три четвртини од испитаниците во последната анкета на Ројтерс/Ипсос изразија загриженост дека доаѓа рецесија. Педесет и шест проценти од испитаниците, вклучително и секој четврти републиканец, рекле дека потезите на Трамп да се обиде да ја преобликува економијата се „премногу непредвидливи“.
Две третини од испитаниците изразија загриженост за берзата, каде што цените на акциите драстично паднаа во последниве недели поради загриженоста на инвеститорите поради плановите на Трамп да ги зголеми тарифите за увезените стоки и неговите навестувања дека може да го отпушти претседателот на Федералните резерви Џером Пауел, највисокиот функционер задолжен за контрола на инфлацијата.
Педесет и два отсто од испитаниците рекле дека се согласуваат со изјавата дека „постапките на Трамп би можеле да ми го отежнат пензионерскиот живот“, надминувајќи ги 31 отсто кои не се согласуваат со изјавата.
Банкарскиот гигант JP Morgan очекува рецесија оваа година, најмногу поради тарифните политики на Трамп кои ги наведоа другите земји да воведат високи царини за американскиот извоз.