Според најновите истражувања Женева е прогласена за најскап град во светот, дури и поскап од Њујорк.
Швајцарија е позната по многу нешта, вклучувајќи прекрасни алпски пејзажи, зимски одморалишта, традиции за производство на часовници, чоколадо и уникатен микс на култури и јазици. Но, оваа европска земја е позната и по високите трошоци за живот. Според извештајот на онлајн базата Numbeo , Женева повторно е прогласена за најскап град во светот. При изготвувањето на тој извештај биле земени предвид трошоците за намирници, кирија, оброци во ресторан, како и вкупните трошоци за живот. Њујорк беше искористен како почетна точка со резултат од 100 поени.
Женева – најскапиот град во светот
Женева доби оценка од 101,7, што ја прави за 1,7 отсто поскапа од Њујорк. Сепак, тоа не значи дека сите услуги во овој швајцарски град се поскапи. Всушност, Numbeo откри дека индексот на трошоците за домување во Женева е 59,6, или 40 отсто понизок од Њујорк. Од друга страна, намирниците се поскапени за 11,4 отсто, а во рестораните за 1,5 отсто .
Во 2021 година, потрошувачките цени во Швајцарија беа за 54 отсто повисоки од оние во Европската унија. Од друга страна, во истата година, според официјалните податоци, швајцарските граѓани можеле да заштедат околу 15 отсто од својот годишен приход.
Она што ја прави Женева толку скапа е тоа што во градот се наоѓаат седиштата на неколку глобални организации, како што се меѓународната канцеларија на Светската здравствена организација, европското седиште на Обединетите нации и Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН).
Еден од најдобрите градови за живеење
Од година во година, Женева се рангира како еден од најдобрите градови во светот за живеење. Претходно оваа година, се израмни на петтото место со Калгари во престижниот годишен глобален индекс на животна состојба на EIU, со совршени резултати во категориите здравје и образование.
Друг швајцарски град, Цирих, го зазеде второто место на скалата за трошоци на живот Numbeo, со вкупен резултат од 100,4. Цирих е познат како финансиски центар на Швајцарија и е најнаселен град во земјата, има понизок индекс на трошоци за домување од Њујорк за 46,5 отсто, но таму намирниците се поскапи.
На трето место е Њујорк, а потоа следи Сан Франциско, па Бостон како петти на листата на најскапи градови во светот.