Само 7 земји во светот ги исполнуваат критериумите за квалитет на воздухот

Само седум земји ги исполнуваат меѓународните стандарди кога станува збор за квалитетот на воздухот, а смртоносното загадување се влошува во некои области поради закрепнувањето на економската активност и токсичното влијание на чадот од големите шумски пожари, според новиот извештај на IQAir, швајцарскaтa организација за мерење на квалитетот на воздухот, која ги добива податоците од повеќе од 30.000 станици ширум светот.

Од 134 земји и региони вклучени во извештајот, само седум од нив – Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд, Маурициус и Нов Зеланд не ги надминуваат границите на ситни честички што се емитуваат во воздухот од автомобили, камиони и индустриски процеси, кои се наведени во упатствата на Светската здравствена организација (СЗО).

Огромното мнозинство земји не го исполнуваат овој стандард кога станува збор за ПМ 2,5, фини суспендирани честички со дијаметар помал од 2,5 микрометри, што е единица за должина еднаква на илјадити дел од милиметарот.

Помала е од широчината на човечко влакно и кога се вдишува може да предизвика бројни здравствени проблеми и на крајот да резултира со смрт, се вели во извештајот на IQAir.

Иако воздухот во светот е генерално многу почист отколку што беше во поголемиот дел од минатиот век, сè уште има области каде што нивото на загадување е особено опасно. Во најзагадената земја, Пакистан, нивоата на ПМ2,5 се повеќе од 14 пати повисоки од стандардите на Светската здравствена организација, додека Индија, Таџикистан и Буркина Фасо се следните најзагадени земји во светот.

Но дури и во богатите и брзо развојни земји, претходниот напредок во намалувањето на загадувањето на воздухот е загрозен.

Долго време се сметаше дека воздухот во Канада е еден од најчистите во западниот свет, но минатата година земјата беше рангирана меѓу најлошите поради последиците од огромните шумски пожари кои ја опустошија земјата.

Во меѓувреме, подобрување на квалитетот на воздухот беше забележано во Кина минатата година, но овие податоци се променети и поради закрепнувањето на економската активност по пандемијата на Ковид-19. Извештајот покажа зголемување од 6,5 отсто на нивоата на ПМ 2,5.

Се проценува дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе во светот секоја година, повеќе од ХИВ/СИДА и маларијата заедно. Ова најмногу го чувствуваат земјите во развој кои се потпираат на особено нечисти горива за греење, осветлување и готвење во затворени простории.

Најзагадена урбана област во светот минатата година беше индиската Бегусараи, според шестиот годишен извештај на IQAir. Индија е дом на четири од најзагадените градови во светот.

Но во исто време, повеќето земји во развој, особено оние во Африка, немаат сигурни мерења за квалитетот на воздухот.

Ејдан Фароу, виш научник за квалитет на воздухот во Гринпис Интернешнл верува дека квалитетот на воздухот треба да се следи подобро и поквалитетно насекаде во светот.

„Во 2023 година загадувањето на воздухот сè уште беше глобална здравствена катастрофа, а глобалната база на податоци на IQAir е значаен потсетник за многуте неправилности и неправди, како и потребата да се имплементираат многуте решенија што постојат за овој проблем“, рече тој.

„Ја споделуваме атмосферата со сите други луѓе во светот и мораме да се погрижиме да не правиме работи што им штетат на оние што живеат на друго место“, рече тој.