Новиот клуб на иконата од „Енфилд“ најде начин да ја сокрие неговата поддршката за ЛГБТ заедницата.
Џордан Хендерсон е едно од десетиците звучни засилувања кои следната сезона ќе играат во Саудиска Арабија каде што се случи вистинска експлозија од големи трансфери.
Иконата на Ливерпул премина во Ал Итифак каде летово како тренер пристигна Стивен Џерард, исто така култен фудбалер од Енфилд.
Хендерсон долги години беше капитен на Ливерпул, а често ги поддржуваше хомосексуалците, па во знак на тоа носеше виножито лента на раката.
Саудијците се познати по тоа што имаат нулта толеранција за ЛГБТ луѓето и најдоа начин да ја сокријат лентата што често ја носеше Хендерсон за поддршка на хомосексуалците надвор од видното поле на социјалните мрежи на новиот клуб.
Имено, во видео-анимацијата каде има колаж со многу слики од Хендерсон, делот околу раката каде што е капитенската лента бил во сива боја.
Навивачите на Ливерпул и многу други љубители на фудбалот го забележаа ова и почнаа да го прозиваат саудискиот клуб дека нешто заборавиле, дека се плашат од виножитото како и дека се хомофоби.
Да потсетиме, Хендерсон летово се пресели во Ал Итифак за 14 милиони евра кои му беа исплатени на Ливерпул и доби баснословен тригодишен договор според кој ќе заработува преку 800.000 евра неделно и стана најплатен Англичанец фудбалер некогаш.