Сашо Мијалков денеска излезе од струшкиот затвор

Поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, утринава во 09:32 часот го напушти струшкиот затвор каде што издржуваше затворска казна за случајот „Империја“. Ова за АИМ го потврди директорот на установата Ваљон Ќура.

Ослободувањето на Мијалков доаѓа откако неговата жалба беше испочитувана од Апелациониот суд во Скопје и донесената одлука дека на 23 мај ќе биде ослободен од издржување затворска казна под услов да не стори ново кривично дело до 25 април 2025 година.

„Лицето беше примерен затвореник, им помагаше на други осуденици во затворот. Се вработил како возач и совесно си ја вршел работата. Годишните одмори и слободните викенди ги користеше за излегување во град, како и другите осуденици“, вели Кура.

За Мијалков нема забелешки за периодот поминат во струшкиот затвор.

Поранешниот началник на ДБК, Мијалков е осуден на три години затвор и конфискација на имот за случајот „Империја“. Тој беше обвинет за „злосторничко здружување“ и „незаконско прикривање богатство“. Затворската казна наместо „Идризова“ ја издржа во отворениот затвор во Струга, откако ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.