Сајмон Кауел, познатиот британски продуцент и телевизиски ментор, ја изрази својата поддршка за граѓаните на Лос Анџелес бидејќи градот се соочува со разорни пожари.
Кауел (65), кој поседува имот во Малибу, една од областите погодени од пожарот, им се обрати на погодените од пожарот преку видео порака на својот Инстаграм профил.
“Лос Анџелес е мојот втор дом веќе 25 години. Шокиран сум од она што го видов и прочитав. Ситуацијата е навистина страшна”, рекол Кауел, нагласувајќи ја сериозноста на моменталната ситуација.
“Како и многу други, сакам да помогнам. Истражував начини како да помогнам, а Црвениот крст се чини дека работи исклучително важна работа во моментов. Го прикачив линкот и планирам да донирам. Силно ги повикувам сите кои можат да направат истото, бидејќи на многу луѓе им треба помош сега, а ќе им треба и во иднина“, додаде тој.
На крајот од пораката, Кауел ги испрати своите молитви и поддршка до погодените од катастрофата: „Ви ја испраќам сета моја љубов, молитви и поддршка“.
Пожарите во Лос Анџелес, кои од вторникот зафатија неколку големи области, досега однесоа 16 животи, изгореа повеќе од 37.000 хектари земја и уништија околу 12.000 објекти.
Двата најголеми пожари, Итон во близина на Пасадена и оној во округот Пацифик Палисадес, оставија најголема штета, а бројот на жртви веројатно нема да престане, бидејќи пожарникарите почнаа да ги пребаруваат погодените области.