Свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез во Венеција предизвика гнев кај локалното население: Ќе биде вистинскo малтретирање

Претстојната венчавка на милијардерот Џеф Безос и неговата свршеница Лорен Санчез, закажана за 24 јуни на островот Сан Џорџоре во Венеција, предизвика бурни реакции кај локалното население.

Имено, многу Венецијанци изразуваат незадоволство од организацијата на овој луксузен настан, што, според нив, дополнително го оптоварува градот, кој со години се справува со негативните последици од масовниот туризам.

Според британскиот „Дејли меил“, Безос и Санчез резервирале неколку луксузни хотели и ги изнајмиле сите достапни водни таксиња, со што го ограничиле пристапот до овие ресурси за другите посетители и локалното население. Се очекува да пристигнат голем број познати личности, политичари и бизнис лидери, што ќе доведе до зголемени безбедносни мерки, затворање на улиците и присуство на полицијата – сето тоа во средината на туристичката сезона кога градот е веќе преоптоварен.

Жителите на Венеција се особено загрижени за влијанието врз животната средина од ваков настан. Големиот број приватни авиони и зголемените емисии на јаглерод диоксид дополнително го оштетуваат чувствителниот екосистем на градот.

„Ќе биде вистинска мака. Уморни сме од проблемите што ги носи прекумерниот туризам, а сега мора да се справиме со ова. Се чувствуваме како заложници во сопствениот град“, изјави Франческа, локален туристички водич, за британскиот весник „Гардијан“.

Освен незадоволните граѓани, протести најавија и активисти. Политичката група „Лабораторио Окупато Морион“ го обвинува Безос дека ја претвора Венеција во „игралиште за богатите“. Флаер што циркулира на интернет го прикажува Безос како седи на ракета, со порака: „Нема место за Безос, нема место за олигарси!“

Портпаролката на групата, Алис Бацоли, изјави дека најавениот протест е само почеток. За денот на свадбата е планиран поголем митинг.

„Безос претставува сè против кое се бориме – олигархија која ги експлоатира работниците, ја уништува планетата и ги контролира општествата“, рече таа.

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, потврди дека свадбата ќе се одржи и додаде дека градските власти соработуваат со организаторите со цел да се реализира настанот почитувајќи го културниот и еколошкиот идентитет на Венеција. Сепак, дел од населението смета дека властите се премногу попустливи кон интересите на богатите поединци.

Активистите од групата „Венеција не е Дизниленд“, исто така, изразија загриженост.

„Нашите социјални мрежи се преплавени со коментари. Минатата година го угостивме папата Франциск – можеби можеме да го преживееме и ова, но прашањето е колку долго можеме да издржиме“, рече еден член на групата.

Безос и Санчез се во врска од 2019 година, откако Безос го раскина бракот со поранешната сопруга Мекензи Скот. Лорен Санчез, исто така, се разведе од својот сопруг Патрик Вајтсел пред свршувачката со Безос. Пред свадбата, Безос наводно финализира детален предбрачен договор со кој се има за цел да го заштити неговото богатство, проценето на околу 220 милијарди долари.