Менаџерскиот тим на конфекциите АД „Мода“ и ДОО „Камотекс“ на огласната табла имаат објавено соопштение за своите вработени, доколку донесат нов вработен во овие фирми ќе добијат парична награда од 5.000 денари. Ангел Димитров менаџер на АД „Мода“ – Свети Николе за МИА вели дека ова се должи на барањето за поголем број на работници да привлечат, бидејќи имаат зголемени нарачки од странскиот партнер.
-Така по препорака на германските сопственици, кои тоа го практикуваат и во Германија одлучивме и ние да направиме еден таков повик, да ги наградиме работниците кои ќе донесат нови работници или работници, кои фактички работеле овде, а заминале во ТИР зоните или во други конфекции, вели Димитров.
Прашан дали работниците ќе ги привлече повисоките плати, Димитров со одговор дека платата од јануари е зголемена за 15 отто и просечната плата во овие две светиниколски фирми се движи над 30.000 денари.
-Од април планираме повторно да ја качиме, кога ќе се качи минималната плата уште 10 отсто. Така да сметаме дека овие плати што ги исплаќаме се доволно стимулативни за работниците на тие работни места, вели Димитров.
Тој посочи дека во овој момент веднаш би зеле 50 искусни работници, а тоа значи дека за 10 посто би ги зголемиле работниците во фабриката.
-Се надевам дека и кај другите компании има побарување, затоа што има побарување од европските брендови да работат во Македонија, некои од нив правеа и реклами дека нивните производи се произведени во Европа, а не во далечниот исток и сега затоа сакаат тие реклами, обврски да ги исполнат и да не произведуваат во Бангладеш, Пакистан, Виетнам, туку да произведуваат на тлото на Европа, а Македонија сакале или не да признаеме е дел од Европа, вели Димитров.