– Иницијаторите на законот и поддржувачите промовираат укинување на татковството и мајчинството и нивно претворање во неутрално родителство, исчезнување на родовите улоги во семејството и го ставаат сексуалниот избор на возрасните хомосексуалци над интересите на идните деца, со предлог-законот, истополовите самохрани родители ќе можат на своето дете да му го наметнат нивниот партнер како „татко 2“ или „мајка 2“, соопштуваат меѓу другото од Светиот синод на Грчката православна црква за предлог-законот на Владата за истополовите бракови.
Во соопштението по денешниот вонреден состанок, детално ги објаснуваат, како што велат, едногласните позиции на црквата за конкретното прашање.
Посочуваат дека со легализираниот договор за соживот на истополовите двојки од 2015 година, обезбедени се сите права со главен исклучок родителство преку посвојување или сурогат мајчинство, а „слоганот ‘еднаквост во бракот’ има една цел, истополовите двојки да добијат право на родителство“.
Потенцираат дека ГПЦ го признава само христијанскиот брак и го отфрла граѓанскиот без разлика на полот и е против граѓанскиот брак на истополови двојки.
– Овој закон е во спротивност и со христијанската антропологија и со должноста на општеството на децата да им обезбеди просперитет и правилно воспитување, но и со правото на децата да имаат татковско и мајчинско присуство и грижа. Од сите горенаведени причини и со чувство на пастирска одговорност и љубов, нашата Света Црква остро се противи на предложениот предлог-закон, пишува во соопштението.
Дополнително, најавуваат дека ќе изготват и испратат писмо со своите ставови до членови на грчкиот Парламент, дека ќе ги соопштат нивните позиции во светите храмови на литургиите во недела, на 4 февруари, но и дека на верниците ќе им поделат проспекти за конкретната тема.
– Очигледно дека државата ги носи законите, но овој параметар ниту ја лишува Црквата од слободата на изразување, ниту ја ослободува од должноста да ги информира верниците, ниту може да укаже во што се состои гревот. Црквата не носи закони и не е одговорна за законите. Меѓутоа, ако молчи, сноси тешка одговорност и се самоукинува, пишува во соопштението од Светиот Синод на ГПЦ.
За утре е закажана владина седница на која ќе биде презентиран предлог-законот за истополовите бракови, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во петокот, во интервјуто за „Блумберг“ изрази оптимизам дека во првата половина од февруари законот ќе биде изгласан.