Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, потпиша закон според кој Русија ја повлекува ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови.
Законот стапува на сила со денот на неговото официјално објавување, пренесуваат руските медиуми. Соодветниот документ е објавен на веб-страницата на официјалното објавување на правните акти.
Државната Дума (Собрание) го усвои законот во третото читање на 18. октомври, а Комитетот на Советот на Федерацијата за меѓународни прашања и Комисијата за одбрана и безбедност го поддржаа и препорачаа за усвојување. На 25. октомври тој беше едногласно одобрен од сенаторите на Советот на Федерацијата.
Да потсетиме дека претходно беше најавено дека Русија ќе ја повлече ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT) поради неодговорниот однос на Соединетите Американски Држави кон глобалната безбедност. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во март изјави дека ситуацијата со Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови предизвикува зголемена загриженост поради активностите на САД.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека евентуалното одбивање на Русија да го ратификува договорот не значи намера да изврши нуклеарни проби.
Русија вели дека целта е да се врати паритетот со САД, кои го потпишаа, но никогаш не го ратификуваа договорот од 1996 година, но дека нема да продолжи со нуклеарните тестови доколку Вашингтон не го стори тоа.
Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови беше усвоен во 1996 година, но никогаш не стапи на сила. Индија, Пакистан и Северна Кореја не го потпишаа, а САД, Израел, Кина, Египет и Иран не го ратификуваа.