„По завршувањето на конфликтот во Украина, Киев ќе прифати губење на територии и ќе дојде крајот на глобализацијата предводена од Западот“, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Говорејќи на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Сергеј Лавров кажа дека секој потенцијален мировен договор мора да вклучува и признавање на Киев за загубата на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои гласаа за приклучување кон Руската Федерација минатата година. Сергеј Лавров предупреди дека – „колку подолго ги одложуваат разговорите, толку потешко ќе им биде да постигнат договор со нас“.
За потсетување, Русија не контролира целосно ниту еден од четирите окупирани региони.
Во суштина, повторувајќи ги зборовите на Владимир Путин, рускиот министер за надворешни работи ја опиша „прокси војната“ на Западот со Русија како „геополитички конфликт“ во кој САД се обидуваат да елиминираат моќен конкурент и со сите средства да ја зачуваат својата хегемонистичка позиција.
„Украина и нејзините европски поддржувачи признаа дека договорите од Минск од 2014 и 2015 година – според кои Киев вети дека ќе им даде ограничена автономија на Доњецк и Луганск – беа измама за да и се купи време на Украина да се подготви за војна со Русија. Оваа ситуација никогаш нема да се повтори“, изјави Сергеј Лавров, пренесува RT Arabic.
„Русија ќе ја остави отворена вратата за партнерство со европските земји кои сфаќаат дека нивните интереси подобро се служат со соработка со Русија отколку со играње идеолошки и геополитички игри со Вашингтон“, нагласи Сергеј Лавров.
„Светот ќе биде поинаков“, тврди Сергеј Лавров, додавајќи дека Украина и нејзините поддржувачи ќе бидат принудени да прифатат нови „конкретни реалности“ пред да се постигне договор за прекин на огнот.
ОН и Европската унија го осудија кршењето на суверенитетот на Украина и обидот на Русија за нелегална анексија по минатогодишните референдуми во четири окупирани украински региони. Официјален Киев јасно стави до знаење дека нема да се откаже од територијалниот интегритет како предуслов за преговори со Москва.
Кремљ се обидува незаконски да анектира четири украински региони, но во исто време целосно ги игнорира аспирациите на пет руски региони кои имаат сепаратистички тенденции. Жителите на регионите Ингрија, Урал, Сибир, Кубан и регионот на Калининград одржаа он-лајн референдуми во февруари, каде мнозинството гласаше за независност од Руската Федерација. Референдумите немаат правна тежина, но покажуваат дека заканите за распаѓање на Русија не доаѓаат од Запад, како што тврди Владимир Путин, туку можеби од внатрешноста на државата.