Американската компанија Амазон планира да инвестира уште десет милијарди евра во Германија , од кои најголем дел е во нејзините облак интернет услуги. Помал дел ќе биде наменет за проширување на логистиката, роботиката и две нови корпоративни централи, како што објави во средата германското седиште на Амазон во Минхен , а пренесува агенцијата dpa.
Германската работна сила на Амазон се очекува да порасне на 40.000 вработени со полно работно време до крајот на годината, од околу 36.000 во 2023 година. Компанијата, која е основана во летото 1994 година, денес вработува повеќе од 1,5 милиони луѓе ширум светот, од кои повеќето се уште се во САД.
Сепак, Германија е важен странски пазар за Амазон. Групацијата го процени вкупниот износ на тековно планираните инвестиции во Германија на 17,8 милијарди евра .
Од дополнителните десет милијарди, американската групација сака да потроши 8,8 милијарди во областа Рајна-Мајна до 2026 година, за да го прошири бизнисот на својата подружница во облак Amazon Web Services (AWS).
– Германија е срцето на нашите иновации за цела Европа – рече Стефан Хехбауер, шеф на AWS за Германија и Централна Европа.
Според сопствените податоци, Амазон има инвестирано повеќе од 77 милијарди евра во Германија од 2010 година.