Светскиот лидер и го подари на Џил Бајден најскапиот подарок: дијамант вреден 20.000 долари

Најскапиот подарок што првата дама на Соединетите Американски Држави, Џил Бајден го доби од странски лидер е дијамант вреден 20.000 долари, кој и го подари индискиот премиер Нарендра Моди, покажа годишниот извештај на Министерството за надворешни работи.

Дијамантот од 7,5 карати беше највредниот подарок што некој член на претседателското семејство го доби во 2023 година, објави АП.

Покрај тоа, првата дама доби брош вреден 14.063 долари од украинскиот амбасадор во САД, а нараквица и фото албум во вредност од 4.510 долари од претседателот и првата дама на Египет.

Американскиот претседател Џозеф Бајден, исто така, доби голем број скапи подароци, меѓу кои и комеморативен фото албум вреден 7.100 долари од неодамна суспендираниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол, статуа на монголски воини вредна 3.495 долари од премиерот на Монголија, сребрен сад во вредност од 3.300 долари. од султанот од Брунеи, сребрен послужавник од израелскиот претседател Исак Херцог од 3.160 долари и колаж вреден 2.400 долари од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според федералниот закон, службениците на извршната власт мора да пријават подароци што ги добиваат од странски лидери и колеги со проценета вредност од повеќе од 480 долари.

Многу од овие подароци се релативно скромни, додека поскапите подароци обично, но не секогаш, се пренесуваат во Националниот архив или се прикажуваат на официјални изложби.

Дијамантот од 20.000 долари се наоѓа во источното крило на Белата куќа, според документот на Стејт департментот, додека други подароци за претседателот и првата дама се испратени во архивата.

Портпаролката на првата дама, Ванеса Валдивија, изјави дека дијамантот ќе биде префрлен во архивата откако Бајденови ќе ја напуштат Белата куќа.

Примачот на подарокот има и можност да го купи подарокот од американската влада по пазарна вредност, иако тоа е ретко, особено за луксузни предмети.