Драстични разлики во процентот на луѓе кои користат интернет доаѓаат од развиените и најмалку развиените земји во светот. Седумнаесет години откако 17 мај се одбележува како Светски ден на телекомуникациите и информатичкото општество, податоците велат дека во Европската унија за 50 отсто е поголем процентот на луѓе кои користат интернет од оној во најмалку развиените земји. Во продолжение прочитајте за дигиталниот јаз меѓу ЕУ и неразвиените земји, но и за тоа како котира Западен Балкан според користењето на интернет.
720 милиони луѓе од неразвиените земји се офлајн
Според податоците од Обединетите Нации за 2022 година, 407 милиони луѓе во најмалку развиените земји користеле интернет. Тоа претставува 36 отсто од населението кое живее во овие земји. Дури 720 милиони луѓе во овие подрачја се уште немаат допир со интернетот. Тие сочинуваат 27 отсто од глобалната офлајн популација.
„Инвестициите во овие млади, енергични земји може да поттикнат одржлив раст со генерации. Заедно, да ја направиме 2023 година година на напредок за дигитална трансформација во најмалку развиените земји”, е ставот на ОН.
84 отсто во ЕУ користат интернет секој ден
Што се однесува до ЕУ во 2022 година, 84 отсто од луѓето користеле интернет секој ден, а 89 отсто од поединците во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години користеле интернет најмалку еднаш неделно.
Уделот на домаќинствата во ЕУ со пристап до интернет се искачи на 93 отсто, за разлика од 72 отсто во 2011 година. 52 отсто од поединците во ЕУ пребарувале информации поврзани со здравјето на интернет во 2022 година. Дури 49 отсто од поединците во ЕУ го задржуваат својот стар мобилен или паметен телефон во своето домаќинство кога ќе го заменат, покажуваат податоците на Евростат. Околу 68 отсто од граѓаните на ЕУ нарачале или купиле стоки или услуги преку интернет за приватна употреба во 2022.
Високи проценти на Балканот
Податоците за земјите од Западен Балкан кои доаѓаат од националните статистичари по малку се разликуваат од оние податоци кои ги објави Евростат.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика во Северна Македонија, речиси 90 отсто од граѓаните во Северна Македонија користат интернет, а околу 80 отсто во последниве три месеци тоа го прават секој ден.
Во Србија Заводот за статистика утврдил дека 83,2 отсто од домаќинствата имаат интернет приклучок. Истражувањето на Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина од крајот на 2022 година покажува дека 76 отсто од луѓето во БиХ користат интернет.
Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора утврдила дека интернет користат 87,3 отсто од граѓаните. Во Албанија ИНСТАТ измерил дека во возрасната група од 16 до 74 години 82,6 отсто од населението користи интернет, а 91,6 отсто од нив неколку пати на ден. Агенцијата за статистика на Косово утврдила дека 90,7 отсто од населението е закачено на интернет.
Податоците на Евростат пак покажуваат дека Косово и Албанија се лидери по користењето на интернет со 96 односно 91 отсто. Потоа следуваат Северна Македонија со 84 отсто, Србија со 82 отсто и Црна Гора со 81 отсто. Во БиХ 75 отсто од граѓаните се онлајн.