Во болниците и во здравствените установи во земјава има доволно количини крв. Во Градската болница „8 Септември“, според информациите на МИА ситуацијата е стабилна иако поради зголемениот број хируршки интервенции побарувачката на крв и крвни продукти е зголемена. Во светот денеска се одбележува денот на крводарителството. Македонските граѓани донираат крв и се хумани, а во крводарителските акции на Црвениот крст во последниве години се собираат меѓу 55.000 и 60.000 крвни единици.
Крвоидарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 65 години, што има најмалку 50 килограми и е во генерално добра здравствена состојба. Дарувањето крв е доброволно и без финансиски надомест. За едно лице да стане крводарител треба да биде здраво и да е на возраст од 18 до 65 години.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети за МИА изјави дека светот се обединува по повод 20 годишнината од одбележувањето за дарување скапоцена течност. Во 2004 година, за првпат се прославуваше овој настан.
Мемети потсети дека покрај тоа што спасува животи, да се дарува крв, може да има и здравствени придобивки за самите даватели. – Редовното дарување крв, може да го подобри општото здравје и да го намали ризикот од одредени заболувања, истакна Мемети.
Директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Седула Усеини им го честиташе денот на сите крводарители и посака секогаш да може да даруваат крв, зашто, нагласи тој, крводарувањето е привилегија на здравите.
-Институтот за трансфузиона медицина располага со доволни количини на крвни продукти од сите крвни групи – еритроцити, тромбоцити и плазма. Покрај годишниот интегрален план на крводарителски акции, што се реализира во целост, во Институтот, редовно се дарува секој ден во центрите во Штип, Тетово и во Битола, како и понеделник и четврток во службите од другите градови. Доколку се зголеми побарувачката од крвни продукти, дополнително се повикуваат дарители да даруваат во нашите простории, изјави Усеини за МИА.
Крвта, нагласува тој, е незаменлив лек, секојдневно потребен во спасување на живото-загрозувачки пациенти.
Резервите со крв во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, моментално се стабилни за згрижување на пациентите кои имаат потреба од супституција со крв и крвни продукти. Но, како што појасни директорот Христијан Костов, во периодов поради зголемената работа во болницата на хируршките одделенија, очекувано и потрошувачката на крв и крвни продукти е поголема.
-Имаме добра соработка со Институтот за трансфузиона медицина, кои во согласност со нашите потреби нѐ снабдуваат со крв и крвни продукти. На Одделот за трансфузиологија редовно организираме крводарителски акции според планот за организација на крводарителски акции, информира Костов за МИА.
Денеска во болницата има акција за дарување крв со „Медикус“ и неколку други фирми што имаат поголем број вработени.
Ниту Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, немала позначаен проблем со недостиг од крвни единици. Директорот Љубен Арсенков ја потврди оваа информација за МИА.
– Потребата од крв или крвни продукти е секојдневна, нормално. На месечно ниво, околу 200 до 300 единици крв имаме потреба да аплицираме кај нашите пациенти. Досега, не сме имале некаков особено значаен проблем, дециден беше Арсенков.
И тој упати апел до оние кои и досега дарувале, но и до идните хумани луѓе, да излезат пресрет на потребите.
Глигор Новачевски, одговорно лице за крводарителство при Црвен крст на Република Северна Македонија, во изјава за МИА соопшти дека околу 55.000 крвни единици на годишно ниво имаат во нивните планови. Изминативе години, тие реализирале меѓу 55.000 и 60.000 крвни единици.
– Го надминуваме планот. Резерви има, некогаш потребни се тромбоцити. Тие на посебен начин се барат, бидејќи живеат пет дена. Мора наменски да ги бараме за тие крвни групи за кои се потребни. Генерално нема недостаток од крвни единици, понекогаш се јавува, но, не е секојдневно. Тоа што се бара од нас, колку се капацитетите во здравствениот систем, колку се прават операции, според тоа се прават и тие планови и ги задоволуваме потребите, категоричен беше Новачевски.
На владина седница на 16 јануари се донесе Програма за организирање и унапредување на крводарителството во државава. Според соопштеното, Програмата ќе се реализира во рамките на обезбедените средства од Буџетот за 2024 година во вкупен износ од 27.992.000,00 денари. Крводарители со одреден број дарувања, уживаат бенефиции при користење здравствени услуги.