СДСМ бара оставка од Борко Ристовски, покрена обвинувања дека со илјадници евра „изнајмил“ спортски клубови

СДСМ обвинува дека со последните исплати на субвенции за спортските клубови од Министерството за спорт фудбалот е фрлен на колена, а корупцијата во спортот се крена до небо.

Панче Милевски од оваа партија прашува по кој систем познати фудбалски клубови од прва и втора лига добиле НУЛА денари, или мали суми, додека клубовите од третата лига имаат добиено милиони и поголеми суми од оние на клубовите од првата и втора лига?

Тој побара да се објават сите исплати на спортските клубови од сите сметки на министерството, како што додаде, системот на ВМРО-ДПМНЕ за распределба на парите за спорт е јасен и тој да се вика „Партиски тефтер на Мицко“. Милевски побара оставка од Борко Ристовски.

„Кои се тие спортски клубови за кои никој не слушнал, а на кои им се платени илјадници евра, а кои се оние клубови во кои учествуваат стотици деца, а вие сте ги оставиле во кал. За СДСМ вашиот систем на распределба на пари за спорт е јасен: се вика „Партиски тефтер на Мицко“. Кој е во тефтер, добива пари. Кои спортски клубови се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, добиваат пари.
Затоа, Министрот, да си поднесете оставка. СДСМ има податоци за сите ваши исплати и ќе ги достави до Основното јавно обвинителство и до Државната комисија за борба против корупцијата“, рече Панче Милевски од СДСМ.