СДСМ: Владата да ги објави сметките од гозбите во рестораните

Шокантен е одговорот на Владата по вчерашното објавување на сметките од над 30.000 евра што владините министри ги изеле и испиле во неколку ресторани во Скопје. Според Владата, тоа биле сметки од бифињата на министерствата, а не сметки за ручеци на министрите, велат од СДСМ.

Според партијата, прашањето е – колку вработени тоа јаделе и пиеле на државна сметка?

„Или станува збор само за министрите и кабинетите на министрите? Дали покрај тие трошоци, министрите правеле и ручеци во рестораните кои ги снабдуваат бифињата во министерствата? Колкав е тој вкупен трошок?“, велат од СДСМ.

Опозициската партија бара Владата итно да ги објави фактурите, деталните сметки кои ги поседува, за да се утврди дали и кои вработени направиле десетици илјади евра сметка за храна – или, пак, овие трошоци се направени од министрите по кафеаните.

„ВМРО-ДПМНЕ целосно се одлепи од реалноста. Откако потрошија 35.000 евра на манго и папаја, сега трошат по рестораните за ручеци и гозби. Ако се чесни – нека излезат во јавноста со детални сметки“, бара СДСМ.