СДСМ: Владата планира да ја задолжува државата и да создаде зависност од кредитирање

Со ребалансот на буџетот, ВМРО-ДПМНЕ ја откри катастрофалната стратегија на буџетските и финансиските политики која е опасна за земјата. Владата на Мицкоски планира да ја задолжува државата и да создаде зависност од крердитирање.

Возот тргнува со кредитот од Будимпешта и потоа нема назад. Со ваквите политики, веќе следната година граѓаните ќе бидат задолжени за следните три поколенија. 

Само со првиот ребаланс и најава за кредитот од Будимпешта од пола милијарда евра, ВМРО-ДПМНЕ планира да го покачи јавниот долг на критични 68% а дефицитот на 4,9%, за кој, некои експерти сметаат дека може да се искачи и до 6%.

Со оваа политика, ВМРО-ДПМНЕ намерно создава должничко ропство на државата, кое потоа ќе продолжи да го серивисира со кредити договорени во четири очи како оној од Будимпешта. 

Затоа Мицкоски, без мува да го лази, најави дека планира уште 500 милиони евра креди од Будимпешта. Државата целосно ќе биде ставена во заложништво и зависност од волјата на друга држава.

Со оваа фискална политика, само за една година граѓаните ќе треба да вратат камати во висина од 300 милиони евра. Само за само една година, јавниот долг се зголемува за неверојатни 10%. 

Дополнително прашуваме, зошто ВМРО-ДПМНЕ и крие на јавноста дека само од домашно задолжување, планира да го дигне долгот за дополнителни 250 милиони евра? 

Ова задолжување кое сакаат да го поминат на мала врата е крајно неодговорно, особено ако се додаде дека се прави и долг надвор од 500 милиони евра.

Понатаму, проекциите за раст на БДП се кријат од јавноста, но пресметката е лесна. БДП оваа година тешко дека ќе биде над 2% што е целосно спротивно на најавениот фиктивен инвестициски бум и економски развој кој го ветува Мицкоски. 

Самата Влада не очекува дека ќе има економски раст оваа година. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде со изборен поткуп за покачување на пензии, кои нема да бидат ни блиску до 5000 денари да ги преживее овие политики. 

Со оваа економска политика и буџет, граѓаните ќе добијат само долгови до крајот на животот, нестабилна финансиска клима во земјата а следствено и слаба економија.
 
ВМРО-ДПМНЕ нема чесни намери и што е најстрашно, спремна е да ја ризикува стабилноста на земјата за свој политички цели. 

Ова е веќе видено сценарио и граѓаните не смеат да го дозволат. Ако по утрото денот се познава, тогаш е јасно дека не чека тежок економски и политички период во кој ВМРО-ДПМНЕ планира да владее многу полошо од претходниот мандат.

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста