СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја партизира полицијата и ги уништува кариерите на професионалците

Денес сме тука да предупредиме за опасниот и штетен обид на Панче Тошковски и Владата да ја партизираат и уништат полицијата како професионална служба. Со предложените измени на Законот за полиција, Тошковски директно го напаѓа системот на кариера, го деградира знаењето и искуството и отвора врата за масовно вработување на партиски војници и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

„Да бидеме јасни. Со измените на член 2, Тошковски предвидува назначување на лица со недоволно образование и без искуство на раководна позиција на највисоките позиции. Ова ја деградира полицијата и наместо професионалци, се внесуваат советници со нејасно дефинирани улоги и заслуги.

„Со член 4 се бришат критериумите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна позиција за раководител на СВР. Ова значи дека лице кое вчера го положило испитот за приправник, па кого и да избере Тошковски, може да стане раководител на СВР“, вели Кузеска.

Оттаму бараат овие измени веднаш да се повлечат.