Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, јавно демонстрираше што значи класична партиска злоупотреба на државната функција, се вели во реакцијата на СДСМ.
Велат дека во текот на работното време, во канцеларијата на Министерството, таа гостувала и промовирала кандидат за градоначалник на Вмровците, како да била во штаб на партија, а не во државна институција. Дури и се пофалила со тоа на Фејсбук како да е дел од нејзините работни обврски. Наместо да се справува со инфлацијата, дефицитот и економскиот хаос создаден од нејзината влада, Димитриеска-Кочоска води кампања за ВМРО, од државна позиција, со државна плата и во државни простории.
Партиското и институционалното мешање беше и останува заштитен знак на Владата на Мицкоски. Министерството за финансии, кое треба да биде симбол на одговорност и неутралност, станува алатка за партиски цели и кампањи.
Дали Кочоска треба да каже дали секој кандидат ќе биде примен од министерот, или ова гостопримство важи само за членови на ВMPO? Зошто граѓаните треба да ја плаќаат неа и нејзините вработени за да ги туркаат агендите на партијата?
Кочоска е меѓу најслабите министри, таа нема капацитет ниту да води свој ресор, а наоѓа време да се занимава со партиски промоции и фотосесии во кабинетот, се наведува во реакцијата.