Владејачката македонска партија СДСМ во изјава за медиумите вели дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно се изјаснил дека е за коалиција на неговата партија со „Левица“.
Од СДСМ велат дека и покрај тоа што „Левица е партија против ЕУ и НАТО, Мицкоски рече дека „никогаш не треба да се каже никогаш“.
„Тој ќе седне на маса и ќе преговара за вредностите. За какви вредности ќе преговара Мицкоски за брак со левицата? За проруските вредности на левицата? Ќе преговара ли Мицкоски против НАТО? Или за запалива анти-ЕУ реторика? Паднаа сите маски на ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека претпладнето ВМРО-ДПМНЕ испраќа соопштение против „Левица“, а попладне Мицкоски зборува за коалиција со нив.