СДСМ: Младите во Македонија го гледаат спасот надвор, бројот на работници е намален за 17 илјади

„Најновите податоци се алармантни, откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во 2024 година, бројот на вработени во земјата е намален за над 17.000 луѓе“, нагласи Јовица Јанковиќ од СДСМ на прес-конференција.

Ова, како што рече, не е само статистика. Ова, според него, е вистината зад илјадници човечки судбини, намален број работни места, млади луѓе што заминуваат, разбиени надежи, растечка сиромаштија.

„Ова е доказ за економски колапс, за хаос на пазарот на трудот, за целосно отуѓување на владата од реалноста во која живее народот. Младите во Македонија го гледаат спасот надвор, бројот на вработени лица е намален за 17.000. Младите во Македонија денес ја плаќаат највисоката цена за неспособноста и ароганцијата на Владата на Христијан Мицкоски.“

„Пазарот на трудот се намалува, продуктивното население, а пред сè младите, си заминуваат, а пензискиот систем е ставен во опасност. Наместо да создава услови за нови и добро платени работни места за да ги задржи младите луѓе, Владата, со својата ароганција, отфрла секој предлог за зголемување на минималната плата и стимулирање на растот на платите“, рече Јанковиќ.