„Првото заштитено лице на ВМРО-ДПМНЕ за одговорност за трагедијата во Кочани е Дејан Салтировски“, вели заменик-претседателката на СДСМ, Каја Шукова.
Според заменик-претседателката Шукова, токму обвинителот Љубомир Јовески, кому актуелната влада му се закани со отказ, ја затвори истрагата еден ден претходно без ниту еден осомничен функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинителството и Владата мора да одговорат зошто нема обвиненија против началникот на полицијата на СВР Штип, Дејан Шлтировски? Тој знаел или требало да знае дека наредбата за контролната акција, спротивно на стандардните оперативни процедури, наведува дека вратите на дискотеката Пулс ќе бидат затворени. Зошто Обвинителството не го објави видеото на кое началникот на СВР се гледа помеѓу 12:30 и 01:20 часот, пред дискотеката Пулс?“
Од СДСМ прашуваат дали Дејан Салтировски во меѓувреме го фалсификувал документот во кој се наведува дека не бил на работа ноќта на трагедијата.
Според СДСМ, тој е заштитен од кривично гонење бидејќи е во семејна врска со Орце Тодоровски, кој е еден од најблиските бизнисмени на Христијан Мицкоски, велат тие. Или, додаваат понатаму, затоа што го штити министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, затоа што Салтировски му бил адвокат.
Од СДСМ најавија дека ќе продолжат со прес-конференции, на кои, како што најавија, ќе објават информации поврзани со трагедијата во Кочани.