„СДСМ најостро го осудува криминалниот договор меѓу Владата Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари каде паркингот на Клиничкиот центар и’ е доделен на фирмата „Ѓока“ од Албанија, со деградирачки услови за државата и граѓаните“, велат од СДСМ.
„Граѓаните ќе плаќаат по 50 денари за еден час, а не 30 денари како што беше до сега. Ова е кулминација на поистоветувањето на луѓето кои се борат со животот со потрошувачите во трговските центри. Пациентите, меѓу кои и оние кои боледуваат од рак и други тешки болести, немаат избор – мора да дојдат во Клиничкиот центар, а Владата ги уценува со високи цени за паркирање“, реагира членот на опозициската СДСМ.
Според нив, власта ги троши парите на граѓаните, живее во луксуз, но воопшто не размислува за повисоки плати или подобри услови за граѓаните.
„Додека граѓаните ги бројат деновите до следната плата, Владата ги брои видовите на егзотични дрвја. Папаја, манго, аспарагус, ананас – цел тропски рај на менито на владините функционери, додека на работниците им недостасуваат дури и банални потреби за живот. Истовремено, синдикалната кошничка за јануари 2025 година е зголемена за 6.089 денари, храната поскапела за над 10%, додека работниците преживуваат со мизерни плати“, велат од СДСМ.
Повторно нагласија дека владата не го прифаќа нивниот предлог за минимална плата од 500 евра.