„Распоредувањето на стратешки нуклеарни подморници и друго стратешко оружје ќе ги исполни условите за употреба на нуклеарно оружје како што е дефинирано со севернокорејскиот закон“, се вели во соопштението на Пјонгјанг.
Северна Кореја во четвртокот објави дека ќе одговори на распоредувањето на американски носачи на авиони, бомбардери или подморници во Јужна Кореја со нуклеарно оружје, објави државната новинска агенција KCNA, цитирајќи го министерот за одбрана Канг Сун Нам.
Министерот ги обвини САД и Јужна Кореја за ескалација на тензиите во регионот.
– Распоредувањето на стратешки нуклеарни подморници и друго стратешко оружје ќе ги исполни условите за употреба на нуклеарно оружје како што е дефинирано со севернокорејскиот закон, се вели во соопштението.
Предупредувањето се однесува на американската нуклеарна подморница од класата Охајо, која влегла во пристаништето Бусан оваа недела.
„Воениот конфликт на Корејскиот полуостров сериозно се приближи до реалноста“, објави КЦНА.
Заканата дојде откако американски војник претходно во четвртокот ја премина границата со Северна Кореја. Пјонгјанг се уште не го коментирал инцидентот.
Командата на ОН која ја надгледува демилитаризираната зона меѓу двете земји вчера објави дека американски државјанин илегално преминал од Јужна во Северна Кореја и најверојатно бил приведен од севернокорејските власти.
Медиумите подоцна објавија дека се работи за Тревис Кинг, американски војник со чин инспектор.