Премиерот Ковачевски рече дека вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, додека вкупната должина на делниците опфатени со коридорите е 110 километри.
Договорот за изградба на делници од коридорите 8 и 10-Д беше потпишан во свечената сала на Владата на Северна Македонија помеѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
На настанот за потпишување на договорите, освен владините претставници и претставниците на конзорциумот, присутни беа и амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, и амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Прајс Агелер.
На прес-конференцијата по потпишувањето, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека земјата стартува со реализација на еден од најголемите инфраструктурни проекти во нејзината историја.
„Ова е историски инфраструктурен проект со кој исполнуваме една голема стратешка определба, од што пред сѐ бенефит ќе имаат граѓаните, компаниите, но и целокупната наша економија. Со изградбата на делниците од коридорот 8 и 10-Д, Северна Македонија добива европски, модерни автопати со коишто државата ќе стане уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута”, рече тој.
Ковачевски додаде дека вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, додека вкупната должина на делниците опфатени со коридорите е 110 километри.
Свој говор имаше и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој изрази задоволство од попишувањето на историскиот договор.
„Ако во нашата држава во минатото се градеа автопатишта во просек по 5,5 километри годишно, со конзорциумот „Бехтел-Енка“ изградбата ќе биде од 22 до 25 километри годишно, додека трошокот по километар во просек е 12 милиони евра“, рече Груби.
TRT Balkan