Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Русија, Путин најави ново оружје

Севернокорејскиот претседател влезе во Русија и се очекува да се сретне со рускиот претседател.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во повеќедневна посета на Русија каде треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Ким пристигна на посетата заедно со највисоките воени претставници кои раководат со фабрики за оружје и муниција.

Средбата меѓу Путин и Ким ќе се одржи во Владивосток, на далечниот исток на Русија, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Путин се наоѓа во Владивосток на далечниот исток на Русија, кој е на околу 200 километри од границата со Северна Кореја.

Американците тврдат дека целта на посетата е Москва да го убеди Пјонгјанг да му продаде оружје за војната во Украина.

Ова е прво патување на Ким во странство по четири години – последен пат тој се сретна со Путин лице в лице во 2019 година.

Пред разговорите со претседателот на Северна Кореја, Путин на економски форум во Владивосток рече дека Русија развива „ласерско, ултразвучно и радиофреквентно оружје“.

Путин зборуваше на Источниот економски форум, годишен состанок чија цел е да се охрабрат кинеските инвестиции на далечниот исток на Русија.

Пред неколку дена американски извори најавија средба меѓу Путин и Ким Џонг Ун, на која се наведува дека може да се договорат за зајакнување на воено-економската соработка.

Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД, изјави дека за време на неодамнешната посета на Северна Кореја, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се обидел да го убеди Пјонгјанг да и продаде артилериска муниција на Москва.

„Ја повикуваме КНДР (Демократска Народна Република Северна Кореја) да ги прекине преговорите за оружје со Русија и да се придржува до она на што се обврза, а тоа е да не испорачува или продава оружје на Москва“, рече Кирби.

Ако Северна Кореја почне да и испорачува оружје на Русија, Америка ќе одговори, меѓу другото, со воведување санкции, најави тој.

Вашингтон и Сеул стравуваат што може да добие Пјонгјанг за возврат.

Кремљ одговори дека Русија не е заинтересирана за предупредувањата на Вашингтон, туку само за интересите на Пјонгјанг и Москва.

Јужнокорејската разузнавачка служба објави дека рускиот министер за одбрана Шојгу предложил Русија, Кина и Северна Кореја да организираат заеднички поморски вежби, слични на оние што заеднички ги спроведуваат САД, Јапонија и Јужна Кореја.

Друг страв е дека Русија би можела да и испорача оружје на Северна Кореја во време кога на Пјонгјанг му е најпотребно.

Ким Јонг Ун би можел да побара од Путин напредна воена опрема и знаење за да му помогне да развие нуклеарна програма.

Сепак, договорот би можел да биде повеќе од трансакциска природа отколку стратешка.

Во моментов, на Русија и треба оружје, а на санкционираната Северна Кореја и се потребни пари и храна.

Какво оружје би можела да и даде Северна Кореја на Русија?



На Русија и треба многу муниција за нејзината војна против Украина.

И Северна Кореја, една од најмилитаризираните земји во светот, има многу.

Најверојатно оружје што ќе и го понудат на Русија се куршуми, гранати, па дури и стари проектили, изјави за Би-Би-Си Ким Донг-јуп, професор на Универзитетот за севернокорејски студии.

Според некои проценки, Северна Кореја има десетици милиони артилериски гранати и ракети.

Аналитичарите веруваат дека би можело да има значителни залихи бидејќи Северна Кореја не била во војна од крајот на Корејската војна во 1953 година – иако мир никогаш не бил официјално склучен.

Професорот Ким вели дека предавањето на оваа постара муниција на Русија нема да ги ослаби одбранбените способности на Северна Кореја – на неодамнешната воена парада, нивната армија изгледаше дека е вооружена со новото оружје.

Оружјето на Пјонгјанг главно се заснова на советските системи за оружје.

Ова ја прави севернокорејската муниција компатибилна со рускиот арсенал.