– Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун им нареди на вооружените сили на земјата да се подготват за војна со Соединетите Американски Држави (САД) и го обвини Вашингтон за актуелната тензичност на Корејскиот Полуостров.
За време на вториот ден од 9. пленарен состанок на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја, Ким Џонг-ун рече дека САД се вклучени во судир без преседан против Северна Кореја.
„Ким ѝ нареди на Народната војска, наменската индустрија и секторот за цивилна одбрана дополнително да ги забрзаат подготовките за војна“, објави Корејската централна новинска агенција.
Ким најави и дека ќе ги прошири односите за стратешка соработка со „антиимперијалистичките и независните земји“.
Ким минатата недела предупреди дека неговата земја нема да се двоуми да изврши нуклеарен напад доколку биде испровоцирана од непријател со нуклеарно оружје.
Пјонгјанг неодамна ја тестираше интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-18 со цврсто гориво, што ги зголеми тензиите во регионот.