– Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика војската да ги „интензивира практичните вежби за вистински воени услови во кои се извојува победа“.
За време на посетата на големата оперативна база за обука во западната област на Корејската народна армија, Ким ги разгледа објектите за обука и ги „водеше вистинските маневри на единиците“, објави денес државната агенција КЦНА со седиште во Пјонгјанг.
Ким им порачал на корејските војници: „За да се запре постојаната закана од непријателите со огромна сила … и правилно да се изврши важната мисија во случај на непредвидени ситуации, нашата армија секогаш треба да поставува попрецизни барања од себе во согласност со аспектот на промена и развој на модерното војување и постојано да ги интензивира вежбите при реални воени услови насочени кон брзо подобрување на нејзините борбени способности за совршена воена подготвеност“.
Изјавата на севернокорејскиот лидер дојде откако Пјонгјанг остро ја критикуваше тековната заедничка воена вежба на Соединетите Американски Држави (САД) и Јужна Кореја во регионот.
Ким ја нагласи потребата единиците „на сите нивоа на Армијата динамично да влезат кон период на интензивирање на воените подготовки во согласност со барањата на преовладувачката ситуација“.
За време на посетата, Ким „го пофали фактот што сите елементи се изградени на практичен начин за да може да се изведуваат различни обуки со висок интензитет под околности како вистинска војна“.