Се чини дека кинеската влада е уморна од гледање како индустријата за електрични возила оди во војна сама со себе.
Властите во Кина се загрижени дека моменталната ценовна војна во индустријата за електрични возила на крајот ќе почне да претставува сериозна пречка за економскиот раст на земјата. Токму затоа, доколку самите производители не преземат мерки, владата ќе го стори тоа наместо нив.
Претседателот Си Џинпинг неодамна одржа неколку говори во кои предупреди на опасностите од „инволуција“, односно ситуација во која компаниите инвестираат многу повеќе пари отколку што добиваат за возврат.
Иако Си зборуваше за неколку сектори, вклучувајќи ја и ИТ, тој всушност ја имал на ум автомобилската индустрија, објавува британски „Гардијан“.
Некои кинески марки автомобили толку многу ги намалија цените што изгледаат смешно, особено во споредба со оние на Запад. Така, на пример, BYD Seagull може да се купи нов за околу 6.600 евра, додека во Европа, каде што се нарекува Dolphin Surf, чини околу 23.000.
Иако најголемите кинески брендови се претежно профитабилни, добар број од нив всушност не заработуваат пари, па дури се очекува да исчезнат во следните неколку години. Владата предложи амандман на законите за пазар и цени за да се ограничи можноста на брендовите да поставуваат нереално ниски цени.
BYD беше еден од неколкуте производители кои беа критикувани од кинеските власти во последните месеци поради производство на премногу автомобили – едно решение би било зголемен извоз, што веќе се случува бидејќи кинеските брендови моментално сочинуваат околу 5% од продажбата на нови автомобили во Европа.