Актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова викендов и официјално ја добија поддршката од своите партии за кандидатурата за претседател на државата, но и од граѓаните, откако ги собраа потребните 10.000 потписи.
Досега со граѓански потпис се потврдени седум кандидати за претседател на државата, додека за четворица постапката продолжува и завршува на 8 март на полноќ.
Од СДСМ вчера информираа дека за рекордно време, за неполни пет часа, се собрани 10.000 потписи на граѓани за поддршка на кандидатурата за втор мандат на Стево Пендаровски. Владејачката партија синоќа во Конгресот ја потврди поддршката за Пендаровски.
Дури и опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека од 08:00 до 12:00 часот се собрани 12.000 потписи за нивната претседателска кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, за која вчера одржаа конвенција за поддршка.
Потребните 10.000 потписи досега ги обезбедија лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кандидат на ДУИ, Арбен Таравари кандидат на албанските опозициски партии, претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски и Билјана Ванковска кандидат на „Левица“.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Изборната кампања за претседателските избори започнува на 4 април, додека за парламентарните избори на 18 април.