Грипот зема замав и во Охрид, најпогодени се лицата на возраст од 15 до 40 години, секоја недела се регистрираат по четириесетина нови случаи на оваа болест, но од Центарот за јавно здравје велат дека бројката е многу поголема, бидејќи некои од болните се лекуваат дома и не бараат лекарска помош.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од оваа болест. Епидемиолозите препорачуваат вакцинација на целото население, особено на лицата од ризичните групи – лица над 65 години, деца, лица со хронични заболувања, трудници, како и здравствени работници.
Пациентите се жалат на висока температура, долготрајна кашлица, болки во мускулите, слабост, губење на апетит, дехидрација и отежнато дишење. Врвот на сезоната на грип се очекува кон крајот на февруари, па лекарите велат дека треба да се консумира здрава храна, повеќе течности и физичка активност на свеж воздух.