Селекторот на македонската репрезентација во футсал Васко Скендеровски денеска го објави списокот на кој се најдоа 18 играчи за завршниот мартовски циклус во квалификациите од главната рунда за пласман на Светското првенство 2024.
Македонските футсалци на 1. март му гостуваат на фаворитот Италија, а во последното коло во рамки на групата 10 на 5 март во Скопје го пречекуваат директниот конкурент за второто место Шведска.
Македонија е третопласирана во групата со еден бод, но има реални шанси да го обезбеди второто место во групата и да игра во априлскиот плејоф во кој победниците ќе ги продолжат мундијалските квалификациите во елитната рунда. За тоа да се случи на избраниците на Скендеровски ќе им биде потребна победа на домашен терен против Шведска, а Италија да не дозволи изненадување на гостувањето против истиот противник на 8 март.
За двата квалификациски натпревари во март Скендеровски се одлучи за деветмина интернационалци и исто толку од домашното првенство:
Голмани: Антонио Петровски (Проект), Иван Стојановски (Вјоша, Косово);
Играчи: Драган Петровиќ (Проект), Таулант Исмаили (Арбен Бајрами), Иван Крстевски (Проект), Игор Леовски (Мимел Луценец, Словачка), Садат Зибери (Берналда, Италија), Јакуп Рамадани (Лигени, Косово), Мартин Мехмедовиќ (Проект), Исмет Цека (Вјоша, Косово), Даниел Де Соуза (Лозница Град, Србија), Џокица Џо Арсовски (Хохенштеин Ернштал, Германија), Еркан Сефери (Вјоша, Косово), Адријан Мицевски (Штуттгартер 2000, Германија), Зоран Левески (Арбен Бајрами), Дарко Ранготов (Проект), Марио Благојевски (Проект), Игор Стојковски (Проект).