Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено кривично дело – Тешка телесна повреда.
„Во семејниот дом на улицата ‘Партение Зографски‘, во периодот од 25. до 30. мај, осомничениот 45-годишен скопјанец, во повеќе наврати вршел семејно насилство врз својата вонбрачна партнерка, нанесувајќи и тешки телесни повреди. Тој ја удирал со тупаници и клоци по главата и телото, при што кај оштетената предизвикал тешки телесни повреди изразени во вид на хематоми во пределот на лицето, на двете подлактици и мултифрагментарни фрактури на носните коски“, соопшти државното Јавно обвинителство.
Јавниот обвинител ги ценел околностите кои укажуваат на опасност од бегство и го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори делото, како и фактот што конкретниот кривично-правен настан генерално се однесува против моралот.
„Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се наведува во соопштението.