Државата оди кон амбис! За едни ова е сценарио доколку не се изгласаат уставните измени, за други доколку се изгласаат. И експертите поделени во крајност по прашањето за менување на Уставот. Амбасадорот Ристо Никовски смета дека досегашниот исход од собраниската седница и оди во прилог на државата, оти, според него, надвор од умот е да внесувате во Устав некој кој не признава дека постоите, во таков случај, вели Никовски, дозволувате државата да се распаѓа одвнатре. Евроинтегративниот пат е вистинскиот и за него, но смета дека преговарачката рамка треба да се игнорира, да се раскине договорот за добрососедство со Бугарија и двата протоколи и да се спроведат избори.
И аналитичарот Сефер Селими смета дека ова е момент за – да се биде или не, но оптимист е дека до крајот на сите рокови, барем дел од опозицијата ќе премине преку ситните политички и лични интереси и ќе ги направи уставните измени. И Селими, како и Никовски, смета дека државата е исправена пред безбедносна криза, со разлика во тоа што според Селими, таа би се случила доколку Македонија заостане на евроинтегративниот пат и Албанците сами побараат излез.
За Селими, промената на Уставот е последната техничка пречка за почетокот на врската со ЕУ, за Никовски, уставните измени би значеле крај на државата и затоа се неопходни избори!