Прашањето за контроверзниот договор меѓу Државната лотарија и ДООЕЛ „Хеј“ за користење на просториите на поранешниот ресторан „Фестина“ во Визбег не завршува со кривичната пријава поднесена пред една недела. Финансиската полиција продолжува да го чешла договорниот акт кој го носи потписот на поранешниот директор Запарим Бајрами, кој моментално е во бегство..
,,Во Управата за финансиска полиција се спроведува истражна постапка во врска со договорот за закуп помеѓу Државна лотарија и „Хеј ДООЕЛ“. што резултираше со поднесување на кривична пријава, но Финансиската полиција продолжува да постапува по овој случај по наредба на Основното јавно обвинителство, врз основа на која се врши целосна анализа на паричните трансакции“, соопшти Управата за финансиска полиција.
Инспекторите на Финансиската полиција утврдиле дека Бајрами со договорот потпишан во јули 2023 година го оштетил државниот буџет за 400 илјади евра, бидејќи договорот не е склучен на уреден начин и согласно условите наведени во јавниот повик. Севкупно, Државната лотарија платила закупнина, повеќе од двојно поголема од реалната цена.
Пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор за 9 евра по квадрат, иако тогаш цената на метар квадратен за слични објекти според намена и тип во населбата Визбег се движела од 2,5 до 4,5 евра, велат од Управата за финансиска полиција.
Државната лотарија за 13 месеци исплатила над 300 илјади евра на фирмата „Хеј“ за закуп на објектот во кој се наоѓале терминалите за коцкање купени за 19 милиони евра. Оваа компанија и е позната на јавноста бидејќи ја водеа луѓе блиски на поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и луѓе блиски на поранешниот пратеник Исмаил Јахоски. На 17 септември минатата година Владата еднострано го раскина договорот откако, според нив, биле констатирани прекршоци при постапката за јавна набавка.
Бајрами е обвинет и во случајот каде заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби се гонат за злоупотреба на службената должност за проневера на над 8,2 милиони евра, откако набавиле VLT уреди иако немале законско право на тоа. Како и Бајрами, и Груби е недостапен за правосудниот систем