Се бара мајстор – времето на евтини поправки е зад нас

Македонија се соочува со сериозна криза на занаетчии – веќе сега е тешко да се најде добар водоводџија, електричар или молер, а трендовите покажуваат дека ситуацијата ќе биде уште полоша.

Со сè помалку млади што избираат занаетчиски професии и сè повеќе искусни мајстори кои заминуваат во пензија или во странство, наскоро можеби ќе треба самите да ги решаваме проблемите во домаќинствата.

„Нема кој да работи, а побарувачката е огромна“
Благоја Јовановски, водоводџија од Скопје со 30-годишно искуство, вели дека телефонот му ѕвони од утро до вечер.

„Пред 10 години работев нормално, имав неколку клиенти дневно и доволно време за пауза. Сега, нема кој да работи, а побарувачката е огромна. Луѓето чекаат по неколку дена за замена на чешма или поправка на цевка“, вели Јовановски.

Според него, најголемиот проблем е што младите не сакаат да се занимаваат со занаети.

„Сите бркаат факултети и канцелариски работи, а не сфаќаат дека во оваа работа има добри пари. Јас месечно заработувам повеќе од некои инженери, ама никој не сака да ги извалка рацете“, додава тој.

Младите избегнуваат занаетчиски професии
Дел од причините за оваа состојба се образовниот систем и перцепцијата на општеството. Во минатото, занаетчиите беа почитувани, но денес, многу млади гледаат на овие професии како на „пониски“ и несоодветни за нив.

Александар Дојчинов, економски аналитичар, вели дека проблемот е во начинот на размислување.

„Родителите ги тераат децата да одат на факултет без разлика дали имаат интерес или талент за тоа. Како последица, имаме премногу економисти и правници, а премалку занаетчии. Секој сака сигурна работа во канцеларија, а не да монтира бојлери или да поставува плочки“, објаснува Дојчинов.