Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат нов пакет воена помош за Украина во вредност до 175 милиони долари, соопшти денес Стејт Департментот.
Пакетот за помош вклучува, меѓу другото, муниција за ракетни системи со голема подвижност, артилериска муниција, против-тенковски ракети, муниција за мало оружје и опрема за заштита на критична национална инфраструктура.
„Сè додека Русија не ја заврши оваа војна со запирање на своите брутални напади и повлекување на своите сили од Украина, од клучно значење е САД да продолжат да ја предводат коалицијата што ја изградивме со повеќе од 50 земји кои цврсто стојат со Украина“, се вели во соопштението од Стејт Департментот.
Нагласено е дека ова ќе биде еден од последните пакети воена помош што САД ќе ги испратат до Украина, освен ако Конгресот не го одобри барањето на претседателот Џо Бајден за продолжување на помошта за официјален Киев.