Градоначалникот на Oпштина Василево, Славе Андонов и претставник на градоначалникот на општина Согут, Република Турција, потпишаа документ за збратимување на двете општини.
Како што информираат од Општината, во документот, меѓу другото, стои дека ваквиот чин има заедничка цел за зголемување на соработка во областа на културата, економијата, социјалната заштита и урбанизмот, со намера за реализација на заеднички активности.
-Ова е прво збратимување на општина Василево. Досега сме имале соработка со повеќе општини Турција и други држави, но денес за прв пат ваквата соработка е официјализирана со потпишување на документ за збратимување, стои во изјавата на градоначалникот Андонов.
Додаваат дека намерата е во интерес на граѓаните од двете општини да се развие дијалог и да се зацврсти соработката. Да се разменуваат искуства и преку реализирање на заеднички активности, делувајќи во атмосфера на доверба и дух на солидарност да се придонесе за заеднички развој.