Се зголеми бројот на летови од охридскиот и скопскиот аеродром во првите два месеци од 2024 година

Бројот на опслужени патници на двата меѓународни аеродроми во земјава во првите два месеци од годинава достигна 432.678, што е за 39,5 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, објави „Аеропортс де Париз“ (АДП).

Според најновото соопштение на „АДП“, само во февруари бројот на патници достигнал 189.434, што е за 30,8 отсто повеќе од февруари 2023 година.

Сообраќајот на охридскиот и скопскиот аеродром за првите два месеци од годинава достигна 3.521 лет, што е за 34,5 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Само во февруари на двата аеродроми се извршени 1.590 летови или 30,1 отсто повеќе од февруари минатата година.

Инаку, компанијата „АДП“ поседува 46 отсто од акциите на компанијата „ТАВ аеродроми“, турскиот концерн кој стопанисува со аеродромите во Скопје и Охрид.