Претседателот на Русија, Владимир Путин, потпиша наредба за зголемување на максималниот број членови на вооружените сили за 170.000, објавија во петокот Кремљ и Министерството за одбрана на Руската Федерација.
Според потпишаниот документ, максималниот број војници беше одреден на милион и 320.000.
„Зголемувањето се должи на зголемените закани за нашата земја поврзани со специјална воена операција и тековното проширување на НАТО“, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Одбранбените власти на Русија соопштија и дека зголемувањето на бројот на припадниците на вооружените сили се должи на регрутирањето на персонал со договор, а Армијата нема намера значително да го зголеми регрутирањето или да започне нов бран на мобилизација.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, во петокот изјави дека повеќе од 452.000 луѓе биле ангажирани во руската Армија според договор од 1. јануари до 1. декември 2023 година.