Бројот на американски граѓани кои инвестираат во грчки недвижности преку програмата „златна виза“ се зголемил за 40 проценти на годишно ниво во третиот квартал од 2025 година, според податоците објавени денес од адвокатската канцеларија Варнавас.
Зголемувањето на интересот доаѓа и покрај заострувањето на условите од 2024 година, кога минималната инвестиција беше зголемена на 800.000 евра за купување недвижности во Атина, Солун и поголемите острови, додека во остатокот од земјата ограничувањето сега е 400.000 евра, објавува Екатимерини.
Според канцеларијата на Варнавас, инвестициите од американски граѓани честопати надминуваат еден милион евра, а јужниот брег на Атина и пристаништето Пиреја се сè уште најбараните локации.
Американските инвеститори ги наведуваат поволните цени, начинот на живот, како и безбедноста и стабилноста во земјата како главни причини за инвестирање во Грција.
За да ги заобиколат повисоките инвестициски прагови, сè повеќе американски инвеститори ја користат инвестициската опција од 250.000 евра – купување на комерцијален имот, како што е индустриска зграда, која потоа се претвора во станбен простор. Инвеститорите на овој начин можат да го остварат и своето право на „златна виза“ во Грција.
– Оваа нова можност веќе има ефект на пазарот. Странските инвеститори ги претвораат напуштените индустриски згради од времето на грчката криза во станбени блокови, со што ја зголемуваат понудата и внесуваат нова ликвидност и капитал во реалната економија – изјави адвокатот Александар Варнавас.