Директорот на Детската клиника Реџеп Мемеди информира дека во нивната клиника е зголемен бројот на пациенти со респираторни и цревни инфекции.
„Во овој дел од годината доминираат сезонските вируси кои се позастапени. И тоа е речиси секоја година во ова време. Имаме зголемување на бројот на пациенти со респираторни симптоми и цревни инфекции кои се лекуваат во нашата клиника и ја добиваат потребната нега“, рече Мемеди при денешната промоција на опремата на Детската клиника.
Директорот Мемеди истакна дека работат со полн капацитет и даваат сè од себе за да се изврши соодветната тријажа и да се задржат најтешко болните пациенти во болница.
Институтот за јавно здравје во својот извештај за периодот од 30 декември 2024 година до 5 јануари годинава наведува дека е зголемен бројот на заболени од грип. Од вкупно 331 заразено лице, 101 се деца од 5 до 14 години и 42 се деца од 0 до 4 години.