Иранските медиуми ја потврдија смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси (63) и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан по хеликоптерската несреќа во планинската провинција Источен Азербејџан.
Како што пишува Си-Ен-Ен, иранскиот државен медиум Прес ТВ и полуофицијалните новински агенции Тасним и Мехр објавија дека сите луѓе во авионот ги загубиле животите.
Ројтерс ја објави и смртта на претседателот, цитирајќи висок функционер.
„Претседателот Раиси, министерот за надворешни работи и сите патници во хеликоптерот загинаа во падот“, изјави претставникот за Ројтерс, барајќи да остане анонимен поради чувствителноста на случајот.
Претседателот на иранската Црвена полумесечина, Пир-Хосеин Коливанд, во понеделникот изјави дека нема знаци на живот од патниците .
Хеликоптерот со девет лица налета на неволја во густа магла додека се враќаше од патување до границата меѓу Иран и Азербејџан, соопштија во неделата иранските власти.
Несреќата предизвика повеќечасовна операција за пребарување и спасување со помош на Европската унија и Турција, но тимовите за итни случаи беа отежнати поради маглата и ниските температури.