Се испраќаат лажни е-пораки од познати македонски компании, МВР предупредува граѓаните да не наседнуваат

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи констатирал зачестена појава на така наречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување на податоци од нив. Овие пораки лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности.

„Важно и значајно е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката.

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами. Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет измама, веднаш пријавете го случајот во најблиската полициска станица“, велат од МВР.

Обидите за фишинг, како што додаваат од МВР, обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС-порака или со телефонски повик.