Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, изјави за националната телевизија дека Украина нема да може да користи американски борбени авиони Ф-16 оваа година.
– Сега веќе е очигледно дека нема да можеме да ја одбраниме Украина со помош на борбени авиони Ф-16 во текот на оваа есен и зима – рече Ихнат, пренесе Ројтерс.
Британската агенција потсетува дека Украина постојано барала од своите западни сојузници да и обезбедат авиони Ф-16, за кои украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ќе претставува сигнал дека руската инвазија ќе заврши со пораз на Москва.
Ројтерс наведува дека во мај американскиот претседател Џо Бајден ја поддржал програмата за обука на украински пилоти на Ф-16, но сè уште не е поставен временски рок за испорака на овие воени авиони во Украина.
– Имавме големи надежи дека овој авион ќе стане дел од нашата противвоздушна одбрана и ќе може да не заштити од тероризмот што Русија го спроведува со проектили и дронови – рече Ихнат.
Ројтерс, исто така, потсетува дека Западот вели дека сака да и помогне на Украина да ја победи Русија, но постојано инсистира дека не сака да иницира директен конфликт меѓу воената алијанса на НАТО предводена од САД и Москва.